Општо за регионалниот систем за водоснабдување Студенчица

Регионалниот систем за водоснабдување Студенчица е капитален објект на Република Македонија, кој ги зафаќа изворите на реката Студенчица на надморска висина од 965 метри и е димензиониран за проток од 1500 l/s со вкупна должина на главниот цевковод и пропратните објекти од 110 km.

Изворите на реката Студенчица се наоѓаат на источната страна на планината Бистра во атарот на селотот Горни Добреноец, Општина Другово. РВС Студенчица е изграден во три фази од 1974 до 1983 година и врши водоснабдување на општините: Другово, Кичево, Осломеј, Вранештица, Пласница, Македонски Брод, Долнени, Крушево и Прилеп, како и на ТЕЦ Осломеј со вкупно околу 150.000 жители.

Првата фаза ги опфаќа: каптажа, довод до разделна градба Другово во должина од 12,5 km (челичен цевковод Ф1016 mm, пропусна моќ од 1500 l/s и притисок од 0 до 36 бари кај разделна градба) и кракот кон ТЕЦ Осломеј во должина од 13 km (челичен цевковод Ф457,2 - 355,6 mm, пропусна моќ од 500 l/s и притисок од 35 бари), со приклучок во Кичево (челичен цевковод Ф508 mm и пропусна моќ од 440 l/s).

Втората фаза ја опфаќа делницата од разделна градба Другово до изливниот базен во Прилеп со должина од 62 km, изведен со челичен цевковод Ф914,4-863,5 mm (пропусна моќ 900 l/s) преку прекидната комора Барбарас. По должината на оваа делница се одвојува крак за Македонски Брод, изведен со челичен цевковод Ф159 mm. По прекидната комора Барбарас, делницата продолжува до разделна градба Дебреште (челичен цевковод Ф812,8 mm со пропусна моќ од 798 l/s) каде се одвојува крак (челичен цевковод Ф812,8-762-711,2mm) до резервоарот во Прилеп.

Третата фаза ја опфаќа делницата од разделната градба Дебреште, преку село Норово до резервоарот во Крушево со должина од 14 km (челичен цевковод Ф323,9 mm и пропусна моќ од 98 l/s), а поради тоа што Крушево се наоѓа на надморска висина од 1350 m, изградена е и пумпна станица кај с. Норово за потиснување на водата на висина од околу 450m. Делницата од каптажа до прекидната комора Барбарас и делницата од прекидната комора Барбарас до резервоарот во Прилеп практично претставуваат два долги сифона. Во првиот сифон, притисокот на цевководот достигнува до 40 бари кај Македонски Брод, а во вториот сифон до 20 бари во Пелагониската рамнина.